Ја остави работата во маркет - Млада кумановка раскажа како се подготвува за сезонска работа во Хрватска

Низ угостителските објекти периодов може да се забележат огласи дека се бара персонал. Очигледно, оние кои беа вработени заминаа на сезонска работа во некое од блиските туристички места, коментира јавноста.

- Имав четворица вработени во локалната сендвичарница, двајца си дадоа отказ и заминаа. Сега итно барам двајца работници, со оглед дека има повеќе работа во летниот период, но е и време за годишни одмори, споделува еден газда на мала сендвичарница во Скопје.

Мотивите се добро познати. Двојно повисоки плати, но и ново искуство на некоја убава дестинација.

-Заминувам следната недела. Се ми е подготвено, споделува една млада кумановка.

Таа ни раскажа и детално зошто се одлучила за сезонска работа 24-годишна.

- Веќе пет години работам во маркет на еден познат трговски синцир во Куманово. За овие пет години освен покачувањето на минималната плата, кое го одобри државата, од газдите не добив ниту еднаш покачување. Саботите не ни се платени, боледување е тешко за се земе со оглед дека мора да најдеш колега/колешка да те смени. Сега се решивме со мојот дечко да заминеме на сезонска работа во Хрватска. Тој беше и минатата сезона и е задоволен. Ќе одиме кај истиот газада што значи на проверено, ќе продаваме бели пецива, и дополнителна работа на шанк на плажа, раскажува оваа млада девојка.

Таа вели дека не се плаши од работа со оглед дека и тука работеле напорно во маркетот, но и е возбудена што ќе види ново место и ќе биде дел од летната сезона.

- Тука во маркетот носевме пелети со роба, редевме роба, чистевме кога нешто ќе се расипеше, постојано бевме со луѓе...така да работата „на нозе“ не ме плаши. Се надевам дека ќе биде се во ред, ќе ми годи климата, колективот... Искрено имам поддршка од дома, ќе се вратам за четири месеци и дури и сум среќна што ќе имам поголема заработка. Мислам дека во лето, а особено кога станува збор за туристичко место има некоја забава во воздухот, сите се среќни, расположени, вели кумановката која е подготвена да тргне за Хрватска следна недела.