Ја крена старата жена, за да седне нејзината ќерка: На кого треба да отстапиме место во автобус?

Пред некој ден во автобус се случи една крајно апсурдна ситуација. Се качи една постара женичка, застана веднаш до седиштето каде седеше мојата осумгодишна ќерка.

Веднаш и реков на ќерка ми да стане, за да седне женичката. На следната станица влезе мајка со ќерка отприлика на иста возраст со мојата се доближија до нас и ѝ рече на жената да стане за да седне нејзината ќерка бидејќи е гужва и не може да стои.

Оваа ситуација покажува дека не се почитуваат некои вредости. Каде е домашното воспитување и давање примери на нашите деца? На кого треба да отстапиме место во автобус?

-Денешниве мајки, а и баби кога ќе се качат во автобус со дете гледаат да го сместат на седиште. Ако детето е мало во ред разбирам да седне, но ако е поголемо и знае да се држи во автобус не гладам потреба да се стануваат луѓе за да седне, вели Бранка од Козле.

-Јас ако најдам место си седнувам. И после тоа нема станување. Кога се возам на кратка релација или не сум уморна, тогаш воопшто не ни седнувам. И многу се нервирам од луѓе кои ќе ти ги напика сите торби во скут. Само да не се вози човек со автобус. Чисто губење на нерви, вели Величе од Аеродром.

– Јас кога се возам во автобус им отстапувам место на бремени жени,на мајки со деца и на стари изнемоштени лица.А на стари лица коишто не се изнемоштени и на госпоѓи не станувам. Старите неизнемоштени лица постојано седат на клупите во парк и уште јас да им станувам? Или да им станувам на госпоѓи коишто работат седејќи? Нема шанси. Многу се нервирам кога ќе ми се качат на врат таквите,со намера да им станам. Е не станувам. Во последно време,кога се возам во автобус ставам слушалки и вртам глава накај прозор, вели Весна од Волково.

-Мене многу ме нервираат луѓе што не знаат како иде возењето во автобус, не знаат каде да се фатат, па стојат на средина. Исто кога е дупли автобусот сите се стојат напред, а позади е празно. А кога стојат на врата е тогаш најмногу се нервирам. Или се симнуваат од предна, вели Марко од Радишани.

-Петок попладне, се враќате од факултет/школо, станати сте од 7-8 наутро, уште додатно ако сте биле на полагање па и цела вечер сте ја утепале над книга и фино си се качувате во автобус, за среќа празно место……. И на наредна станица се качува некој/а дедо/бабичка и очајнички ве прогонува со погледот да им го отстапите местото!! А вие мртви уморни, единствено броите станици кога ќе стигнете дома. Решените: очилата за сонце, седиште до прозор и само тоа ви е спас!, објаснува Филип од Бутел.