Ја извлекол од дома, ја тепал со шлаканици, клоци и телефон – обвинителство бара притвор за насилник од Кисела Вода

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 45-годишен маж осомничен за кривично дело „Телесна повреда“ во случај на семејно насилство и побара да му биде одредена мерка притвор.

Според информациите од Обвинителството, осомничениот извршил насилство врз неговата поранешна партнерка во скопската населба Кисела Вода.

„Ја извлекол на сила од домот во кој живеела жртвата, ја влечел и туркал до неговиот дом во близина, ја внел внатре и физички ја нападнал“, информираат од Обвинителството.

Како што се наведува, жената била удирана со шлаканици, клоци и мобилен телефон, при што ѝ биле нанесени телесни повреди, рани и хематоми по главата и телото.

Од Обвинителството посочуваат дека против истиот осомничен претходно веќе биле определени мерки на претпазливост за насилство врз неговата мајка и снаата на неговиот брат.

„Последниот настан укажува дека за кратко време тој ги повторува насилничките дејствија, односно манифестирал насилничко однесување и спрема неговата поранешна партнерка“, велат од ОЈО Скопје.

Обвинителството смета дека постои опасност осомничениот да избега за да избегне кривична одговорност, поради што е побарана најстрогата мерка – притвор.

„Во исто време, постои ризик од бегство со цел да избегне кривична одговорност за сторените кривични дела“, додаваат од Обвинителството.