Извршниот директор на МЗТ за Скопје Инфо: Пред нас доаѓаат денови во кои ќе се радуваме на успесите на МЗТ

Од крајот на минатиот месец на менаџерската позиција во МЗТ Скопје дојде поранешниот успешен кошаркар Филип Ѓоревски. Оваа вест со поздравување беше дочекана примена првенствено од страна на фановите на МЗТ Скопје, а потоа и од љубителите на кошарката во главниот град и Македонија. Веднаш по доаѓањето на Ѓоревски спортската јавност позитивно беше изненадена од уште неколку спортски засилувања во клубот. 

На оваа тема и на теми поврзани со активностите на МЗТ во  изминатите неколку недели во кратко викенд интервју разговараме со Фичо – аеродромското дете,  израснато во популарната „Лименка“. Тој е човекот кој најдобро ја знае тежината на сино-белиот дрес и кој одлично знае во каква приказна влегува.

Во интервјуото Фичо вели дека сака клубот да функционира како единка и како семејство, да се врати старото МЗТ кое сите го паметиме и потенцира дека пред сите нас се денови во кои ќе се радуваме на успесите на клубот. 

На самиот почеток Ѓоревски вели дека позицијата извршен директор во клубот за него претставува чест, задоволство и огромна одговорност.

- Како аеродромец одлично знам што значи овој клуб и колкава тежина има и носи ова име. Затоа во старт ветувам дека ќе дадам сѐ од себе и дека ќе го дадам својот максимум за дополнително да го издигнеме клубот на уште повисоко ниво, пред сѐ да донесеме и меѓународен сјај на доминацијата која со години ја имаме на домашна сцена, потенцира тој.

Дека раководсвото уште веднаш започна со активности за позиционирање на клубот на вистинските патеки говори и веста за потпишување на два договори, првиот со капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски и вториот  со плејмејкерот Морис Кари кој пак ќе треба да ја пополни празнината во ростерот по заминувањето на Дастин Вер во пресрет на втората сезона во домашните натпреварувања и во АБА2-лигата.

Во однос на плановите и активностите Ѓоревски вели дека планира да остави целосно отворен пристап и транспарентност во функционирањето и раководењето на клубот.

- Сакам да биде онака како што го паметиме МЗТ Скопје од минатото, клубот да функционира како една единка, односно како едно семејство, почнувајќи од младинската школа, женската екипа, вториот тим МЗТ Уни Банка и нормално носителот на целата приказна – МЗТ Скопје Аеродром АД, додава тој на оваа тема.

Тој најавува дека помеѓу примарните цели ќе биде вложувањето во младинската школа, како во делот на телентите, така и во стручните штабови на секоја генерација.  Во сениорската екипа, приоритет на Ѓоревски ќе биде формирање состав во кој ќе се најдат седуммина од најдобрите домашни играчи во државата, надополнети со тројца млади репрезентативци и три до четири екстра-квалитетни странци. 

На прашањето за плановите за оваа година Ѓоревски вели дека за сите нив вистински предизвик е да ја продолжат низата на трофеи.

Треба да бидеме свесни дека немаме голем простор за измени, со оглед што влегуваме во вториот дел од сезоната, но максимално сме посветени само дополнително да го засилиме сегашниот играчки ростер. Заеднички сплотени, посветени на работа, дополнително засилени, планираме да тргнеме кон новите предизвици. Верувам дека ако успееме во сето тоа, пред нас доаѓаат денови во кои ќе се радуваме на нови успеси, потенцира тој на оваа тема.

На крајот го прашавме и за последното патување во Бања Лука каде ги бодреше играчите на МЗТ, но и каде заедно со заменик претседателот на КФМ, Бајрамали Саити оствари средба со челниците на ова регионално натпреварување.

- Тоа пред сè се однесува на средбата со Милија Војиновиќ, спортскиот директор на АБА лигата, кој исто така беше во босанскиот град и во живо ги следеше дуелите, меѓу кои беше и нашиот денешен против Војводина.  На средбата  разговаравме за сите аспекти во кои нашиот клуб би можел да соработува со АБА-лигата и изразивме желба комуникацијата и контактите да бидат кренати на повисоко ниво. Посебно место на нашиот состанок имаше нашата пријава за организација на завршниот турнир од АБА2, при што му ги презентирав на спортскиот директор нашите капацитети и можности, истакна Ѓоревски.

Филип верува дека со ова клубот ќе ја потврди сериозноста во очите на луѓето кои ја предводат АБА лигата, а со тоа ќе покаже дека е подготвен да го даде максимумот за остварување на сонот, односно враќање во јадранската елита, каде што повторно би имал пресметки со регионалните гиганти.