Извршителите ќе ставаат клуч на извршителските канцеларии?

Откако се воведе обврската со новиот Закон за извршувањето доверителите авансно да ги плаќаат услугите на извршителот, на големите компании што нудат услуги на граѓаните веќе не им се исплати за доставуваат барања за извршување мали долгови, а тие фактички претходно беа и најобемни во извршителските канцеларии.

Со новините треба да се надминат проблемите со доставата на решенијата до граѓаните, кои често не ни знаеја зошто беа со блокирани сметки, како и да се избегнат голем дел од трошоците, како тие за адвокат, нотар, блокада, деблокада на сметка, кои извршните постапки ги правеа многу скапи. Праксата во изминатите години покажа дека за долг од 1.000 денари сметките на граѓаните често беа попразни повеќе од 10.000 или 15.000 денари поради трошоците што мораа да ги платат.

- Од Нова година, откако почна да се применува новиот Закон за извршувањето, сведоци сме на големо намалување на прием на нови барања за присилно извршување. Во мојата канцеларија намалувањето на нови предмети е 95 отсто. Во изминатите 6-7 години примав просечно месечно по 400-500 предмети. Оваа година, од Нова година досега, имам примено 220 предмети. Имам сознанија дека кај сите извршители е слична ситуацијата - изјави за „Дневник“ извршителот Гордан Станковиќ.

Според него, причината за намалувањето е воведувањето на обврската на доверителите да ги плаќаат услугите на извршителите.

-До Нова година, во стариот закон, извршителот можеше да преземе дејство на извршување и без притоа да наплати аванс. Сега со новиот закон тоа е забрането. Во такви околности доверителите почнаа да не поднесуваат предмети. Што чекаат и какви им се плановите, никој не знае. Можеби нешто калкулираат со постапката пред Уставен суд каде што се оспорени некои одредби од нашиот закон. Не знам точно- вели Станковиќ.

Точно е дека постои најава за затворање канцеларии. Тоа се должи, меѓу другото, и на воведување лимит на тарифата за комуналните предмети, со кој постапувањето по овие предмети за извршителот не носи заработка.Всушност, создава загуба. Ќе мора да се стрпиме да мине време. Секако, условите за работа се сега отежнати - вели Станковиќ.

Инаку, структурата на должниците, односно основите по кои се поведува извршувањето, е иста како лани.Најмногу предмети секоја година извршителите имаат за долгови по комунални сметки и режиски трошоци.