Извршителите ќе работат по нови правила, но и понатаму ќе наплатуваат по стари цени

Извршителите почнуваат со работа по нови правила, утврдени со изменетиот Закон за извршување, но и понатаму ќе наплатуваат по старите цени.

Новата законска регулатива за извршувањето, објавена во Службен весник пред една недела стапува во сила од денеска, но Министерството за правда има рок од три месеци, или до крајот на март наредната година за да го изготви новиот тарифник за извршување, со кој, според најавите на премиерот Зоран Заев, наградите и другите трошоци за извршителите се намалуваат за 20 до дури 90 проценти.

До донесување на Тарифникот, единствено олеснување во делот на трошоците е она наведено во самиот Закон, кое се однесува за граѓаните со неплатени сметки за комунални услуги. Така, од утре при наплатата на таквите долгови на граѓаните надоместоците и наградата на извршителот не смеат да надминат 20 проценти од главнината. Досега се случуваше да бидат неколкукратно повисоки од главниот долг.

– Надоместокот за обработка на предметот се определува во зависност од висината на главното побарување. Трошоците се определуваат во реален износ, а надоместокот за спроведените дејствија се определува според видот, обемот, времетраењето и местото на извршувањето. Вкупниот износ на надоместоци и награда определени врз основа на став (1) од овој член за извршување на примено барање од доверител правно лице против должник физичко лице, за извршување на нотарски платен налог за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, не може да надминат 20 проценти од главниот долг определен во извршната исправа, стои во Законот.

Со новата регулатива, меѓу парите во кои извршителите не смеат да чепкаат, се додаваат и оние исплатени како хуманитарна помош или надомест на штета од елементарни непогоди. Се решава и проблемот со блокирање на сметки кои не смеат да се блокираат, за кои до вчера банките наплатуваа провизии за одблокирање во висина и до три илјади денари.

Така, доколку се блокирани средства од социјална, хуманитарна помош, алиментација, минимална пензија и слични примања од кои не смее да се извршува, трошоците за одблокирање од денеска ги плаќа банката, а извршителот нема право да наплати надомест. Креирано е и решение за поекономично извршување од сметка, особено во случаите кога се блокираат сите сметки на должникот. Тој проблем се решава со точно утврдување начин на кој извршителот ги префрлува парите меѓу банките, со што присилната наплата поевтинува, а се надминуваат и другите негативности од овој начин на извршување, кој инаку е најчест и со кој се соочиле голем број граѓани.

Исто така, за да се избегне евентуална наплата на ист долг од повеќе извршители, ново правило е доверителот да побара извршување со приложување оригинални документи или со изјава заверена на нотар.

Се враќаат и старите решенија за продажба на запленет недвижен имот, сменети со претходната верзија на Законот за извршување која беше во примена од почетокот на минатата година до вчера. Сега повторно се овозможува трето јавно наддавање, но само на барање на доверителот и најрано три месеци, а најдоцна една година по второто. Притоа, цената на недвижноста не смее да се намали за повеќе од една третина.

Со измените на Законот казните за извршителите се преполовени и наместо од 500 до 5.000 евра изнесуваат од 250 до 2.500 евра во денарска противвредност.

Неодамна, на предлог на пратениците и од власта и од опозицијата, Собранието донесе Закон со кој на старите долгови за сет комунални услуги граѓаните можат да побараат и да добијат отпис на каматите.

Инаку, новините во извршувањето почнуваат да се применуваат во услови кога извршителите претпразничнос блокирале над 80.000 сметки.