Извршителите и нотарите се жалат на новите законски измени

Извршителите бурно ќе реагираат на законските измени и кастрењето на тарифите со кои трошоците за граѓаните при извршните постапки се намалуваат за 50 до 90 насто. Велат, со тоа е доведена во прашање нивната егзистенција.

Официјален став од Коморите се очекува утре откако на вонредни собири со своите членови ќе ги прецизираат барањата. Владата пак очекува измените да го поминат собранискиот филтер наредниот месец. Така граѓаните за минимални долгови од по неколку стотици денари за комунални сметки, повеќе нема да плаќаат по над 15 илјади денари трошоци само за извршители, нотари, адвокати.

„Откако ќе го добиеме официјално документот, секако дека ќе реагираме. Драстично се намалуваат тарифите со што е доведен во прашање опстанокот на извршителите. Ќе направиме наша симулација од она што беше презентирано од Владата и ќе доставиме официјален предлог и соодветно ќе реагираме“- изјави за ТВ 24 Владо Димов, претседател на Комората на извршители.

И нотарите како и извршителите не биле консултирани за измените. Нотарите велат дека ќе поддржат секакви мерки кои се во корист на социјално ранливите граѓани. Но, бараат Владата да ги земе во предвид и нивните барања. Бидејќи загрозен бил и нивниот опстанок. Дури 40 канцеларии лани биле во загуба.

„Нотарската комора нема да се гони, едноставно ќе го прифати таквото решение на Владата. Се надевам дека ќе успеат да најдат во иднина некое решение и дека при правење на тарифата ќе го имаат тоа во предвид дека овие канцеларии  мора да живеат. Имаме 40 канцеларии кои се во минус“ - вели Олга Димовска, потпретседател на Нотарска комора.

Од здруженијата кои се бореа за кастрење на трошоците при извршувањето ги поздравуваат измените, но за целосно решавање на проблемот, велат треба уште.