Извини е најтешкиот збор

Утринава ѝ реков на мајка ми:

„Те молам, не можам напразно да зборувам со кафе, сакам да молчам. И да, нема да јадам ништо, не ме интересира што ќе готвиме и знам дека те болат рацете, не мора 100 пати да ми повторуваш.“

Без зборови си замина од мене.
Уште во истиот момент се покајав. Излегов во дворот, седеше на клупата, директно изложена на сонце. Ѝ се насмевнав и ѝ реков:

„Сакаш да ја купиме онаа маст, викаат добра била за болки, еве јас ќе го зготвам ручекот, види конечно убаво сонце...“

Не ѝ реков извини. Набројав милион синоними за „извини“. Милион празни компензации. Но, не го изустив тој збор.

А нејзиното лице се осветли од радост. И без да кажам „извини.“

Па се запрашав: Какви луѓе сме ние? Зошто едноставно не можеме да се прегрнеме и да си го шепнеме тоа магично зборче?

Зошто наместо извини, се обидувам на друг начин да компензирам? Полесно да е да купиме крема или маст, отколку да нанесеме гел од вистинско каење врз раните на оние кои сме ги повредиле.

Лесно е да му удриш шамар на оној кој нема да ти врати. Лесно е да го повредиш оној кој безусловно те сака, затоа што знаеш дека засекогаш ќе те сака.

И дека ќе ти прости и без да речеш „Извини“.

Но, знаете како велат: „Можеш како сакаш, но не можеш додека сакаш.“

Можеби баш во овој миг комета ќе ја удри Земјата.

Можеби баш во овој момент ќе застане срцето на личноста која сме ја повредиле, однапред сметајќи дека ќе ја добиеме прошката.

Можеби баш во овој момент таа личност засекогаш ќе замине од нашиот живот.

И што тогаш?

Можеби остатокот од животот ќе го поминеш гледајќи во небото, можеш од петни жили да се дереш и да го кажуваш тоа едноставно зборче: „Извини“, да плачеш и да викаш. Но, залудно, нема да те чуе.

Затоа што таа личност веќе си заминала. Уморна од проклетите зборови кои толку лесно им ги кажуваме на оние кои ги сакаме. Затоа што знаеме дека ќе ни простат.

Дали љубовта и прошката имаат гарантен лист, рок на траење? Немаат. Но, времето има. А тоа лета, беспоштедно, додека ние ги гледаме оние кои безусловно нѐ сакаат и мислиме дека засекогаш ќе бидат тука. Затоа што сметаме на тоа дека тие знаат дека ги сакаме и дека зборовите не значат ништо. А зборот знае да биде поостар и поболен од мечот.

И затоа...

Прегрнете ги оние кои сте ги повредиле.

Онака, силно прегрнете ги, нека исчезнат сите тешки зборови, нека одлетаат кон небото.

И аман-заман, изговорете го тоа едноставно зборче. Извини.

Не е тешко. Пробајте.