Изречени се казни на загадувачите во Скопје - Ѓорѓиевски порачува дека нема толеранција за никого

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска во објава на Фејсбук порача дека нема толеранција за никого и дека се изречени казни на загадувачите во Скопје.

„Почитувани скопјани, Изминативе денови Скопје се соочи со сериозно загадување на воздухот. Според податоците од државниот мониторинг, беше пробиен дозволениот праг и состојбата бараше итна и решителна реакција. Како градоначалник на Скопје, но пред сè како човек кој заедно со своето семејство го дише истиот воздух како и сите вас, немав право да молчам и да не постапам. Во изминатите два дена беа спроведени силни и координирани инспекциски надзори на терен. Инспекторатот за животна средина изрече казни кон правни лица - загадувачи и јасно покажа дека законот важи за сите“, објаснува Ѓорѓиевски кој уверува дека ова нема да застане тука.

Напротив, како што вели, ќе продолжат уште поинтензивно и уште поодлучно.

„Секој што го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран, без грам толеранција! За здравјето нема компромис. Ниту за мене, ниту за вас, ниту за нашите деца“, нагласи градоначалникот.

Паралелно со репресивните мерки, Градот Скопје излезе и со низа препораки и мерки за заштита од загадениот воздух, кои се јавно објавени и достапни за сите граѓани: https://skopje.gov.mk/.../19-12-25-soopstenie_preporaki.../

Овие препораки, додаде дека веќе се применуваат и се важен дел од заедничката борба за почист воздух.

„Воедно, сакам јавно да ја поздравам силната и континуирана заложба на Владата на Република Македонија за чекорите што за само година и пол, заедно со локалната власт, се преземени во насока на почист воздух. Тука спаѓаат Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенциите за инвертер клими, поставувањето прочистувачи на воздух во градинките во Скопје, масовното пошумување низ државата, гасификацијата, изградбата на две когенеративни централи на влезовите во Скопје, како и новите паркови со клупи со вградени прочистувачи на воздух и многу други мерки“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека борбата за почист воздух е заедничка и  апелираше до сите граѓани на Скопје да се придржуваат и да ги почитуваат препораките и мерките.

Тој посочи дека секој поединечен придонес е важен, но, дека за она што е во надлежност на Градот Скопје, порача дека нема да има никаква толеранција и дека ред мора да има.

Ги повика скопјани да пријават потенцијални загадувачи на следниот меил: prijavizagaduvachi@skopje.gov.mk