Изминатото деноноќие регистрирани 13 пожари на отворено - нема ниту еден активен

Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои нема активни, еден е под контрола, а 12 се изгаснати, соопшти утрово Центарот за управување со кризи.

Сè уште гори, но под конрола е пожарот кај село Белица и Јасен, каде што е зафатена нискостеблеста и мешана шума.

Во текот на изминатото деноноќие се интервенирало и на пожари во Босилово, Богданци, Новаци, Пробиштип, Штип, Аеродром, Куманово, Долнени, Велес и Демир Хисар.

Пожарите биле на различни видови површини – ниска вегетација, сува трева, стрништа и грмушки, но и на депонии и локации со отпад. Во Демир Хисар пожарот бил меѓу селото Мренога и манастирот „Св. Атанасиј“, каде што гореле дабова шума и сува трева.