Изминатите 10 години невработеноста во Гази Баба се намали за 50 проценти, вели Трајковски

Знам дека граѓаните лесно ќе направат избор помеѓу нашата програма и нашиот тим и програмата на СДСМ и нивните луѓе, ќе направат споредба и лесно ќе ја воочат разликата кој досега стоеше на ветениот збор, кој градеше и реализираше дела, а кој лажеше, вели кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за Гази Баба, Тони Трајковски.

-Изминативе четири години заедно со вас реализиравме повеќе од  проекти во секое населено место и во секоја населба, за жал од нашите против кандидати не за изминатите четири години, туку за изминатите 17 години не е реализиран ниту еден проект во нашата општина, велат не биле на власт, а сега каде се во изминативе четири месеци? Имаат власт и пари, а немаат ниту еден проект реализиран во нашата општина. Освен што немаат реализирано ниту еден проект тие со ребалансот на буџетот ги кратат средствата за новата градинка во Стајковци, за новото училиште во Ченто, за новиот дом за стари лица во Маџари, за санација и реконструкција на градинките и училиштата, а последниве неколку месеци ни ги намалија и блок донациите за училиштата. Општина Гази Баба не за четири месеци, туку за помалку од три месеци асфалтираше повеќе од 10 километри улици, така се реализираат ветените проекти на дела и така се сака нашата општина, потенцираше Трајковски.

Тој додава и дека во изминатиот негов мандат се изгради основно училиште „Глигор Прличев“, нова детска градинка „Морковче“, асфалтирање на повеќе од 90 улици во должина од повеќе од 40 километри и тампонирање на улици во должина од 60 километри. Изграден е простор за паркирање во површина од 6 илјади метри квадратни, 30 километри фекални и атмосферски канализации, повеќе од 10 километри водоводни мрежи, повеќе од 16 километри пешачки и велосипедски патеки, 16 спортски игралишта и 29 детско забавни игралишта, нова спортска сала во населбата Ченто, се поставија подземни контејнери, се донесе закон за заштита на паркот Гази Баба.

-Изминативе 10 години невработеноста во Гази Баба се намали за 50 проценти, отворивме центар за младите, дадовме и субвенции на младите за отпочнување на сопствен бизнис, дадовме и поддршка на земјоделците како и поддршка на нашите пензионери. Имаме неколку компании кои што во моментов градат во Гази Баба, општината е лидер во реализирање на проекти со јавно приватно партнерство. Сакам да упатам голема благодарност до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој додека беше премиер даде голема поддршка за реализација на проектите во нашата општина, исто така упатувам благодарност и до градоначалникот на Скопје Коце Трајановски со кого заедно реализиравме голем број на проекти, рече Трајковски.

Тој изрази и посебна благодарност која ја добиле од Владата и градот Скопје за време на елементарната непогода која го погоди Стајковци минатата година каде со работа успеале да го нормализираат животот на 5 илјади семејства кои што беа зафатени со поплавата.