Изминатата седмица „Комунална хигиена“ отстранила 650 метри кубни отпад од диви депонии низ Скопје - најмногу во Чаир

Јавното претпријатие Комунална хигиена-Скопје информираше дека во текот на изминатата седмица, нивните екипи отстраниле 650 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини.

Најголемо количество непрописно одложен отпад бил подигнат во општината Чаир, каде што биле расчистени вкупно 170 кубни метри отпад од диви депонии.

Воедно, како што посочуваат оттаму, подигнати и транспортирани биле 2.700 тони комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје.

„ЈП Комунална хигиена-Скопје континуирано реализира активности за одржување на јавната хигиена на скопските булевари и улици преку машинско миење со употреба на автоцистерни, што се одвива во доцните вечерни часови. Секојдневно, во три смени, се спроведува миење и метење и на плоштадите и пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев", и „Слобода", како и Старата скопска чаршија“, наведуваат од јавното претпријатие.