Изминатата недела 4.206 граѓани ја користеле жичницата до Милениумскиот крст

Во периодот од  13 април  до 19 мај со жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст се возеле 4.206 граѓани, односно само за време на викендот (14 и 15 мај ) 2.720 граѓани го посетиле Водно и ја користеле жичницата.

Овој податок говори  дека е голем бенефитот  што го почувствуваа скопјани со реактивирањето на жичницата, велат надлежните од ЈСП. 
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст и трите автобуски линии кои сообраќаат до Средно Водно повторно се во функција од 30.12.2021 година. Во периодот мај – септември  жичницата работи секој ден, освен понеделник и секој последен вторник во месецот (поради сервис), од 10 до 20 часот.
За возење во жичницата важат протоколи за заштита од Ковид 19 - во кабина се дозволува превоз на максимум 4 лица, кои имаат обврска да носат маска. На патниците пред влез во кабината им се мери температура и се врши дезинфекција. Кабините се дезинфицираат трипати во текот на денот.
За граѓаните на користење се отстапуваат и два транспортера за превоз на домашно милениче (куче со мал/среден раст), а дозволен е и превоз на куче-придружник на лицата со хендикеп. 
До Средно Водно сообраќаат три автобуски линии – бројот 25 (Транспортен центар – Средно Водно), сообраќа секој ден освен понеделник, како и броевите 25А (Автомакедонија – Средно Водно) и 25Б (Дом на печат – Средно Водно) кои сообраќаат само за викенди и државни празници. Сите три линии за време на викендите и државните празници се бесплатни за граѓаните.

Возниот ред за овие три автобуски линии граѓаните можат да го погледнат на Интернет - страницата на ЈСП Скопје, www.jsp.com.mk