Измени на законот: Без проблем ќе се пуши на тераси и во летни бавчи

Пушачите слободно ќе можат да пушат на тераси, летни бавчи и слично што се надвор од деловниот објект, предвидува предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето, кој е на дневен ред на тековната собраниска седница.

- Просториите што и досега беа за пушачите, ќе си останат за пушачите. На надворешниот простор на деловните објекти, што се тераси, ќе биде дозволено пушењето без разлика на временските услови. Ние само реагираме на фактичка состојба бидејќи претходно не беше јасно утврдено и толкувањето беше оставено на државните органи - вели Ивана Туфекџиќ, пратеничка од СДСМ.

Како што пренесува Независен, предлагачите сметаат дека од 2008 година наваму беа воведувани построги правила за заштита од пушењето, како за пушачите, така и за угостителите. Поради тоа, сопствениците на кафеани, кафетерии, ноќни барови, пивници, коцкарници, биле принудени да отпуштат дел од персоналот. Угостителскиот сектор доживеал драстичен пад на прометот, од околу 75 отсто, особено во зима, доцна есен и рана пролет.

Измените би се донеле по скратена постапка.