Измени на закон: Буџетските корисници ќе ги објавуваат завршните сметки на својата веб страна

Заради обезбедување на поголема транспарентност во работењето на буџетите и буџетските корисници, односно за информирање на јавноста за состојбата на средствата, обврските, изворите на средствата, за остварените приходи и реализираните расходи на овие институции, се предлага буџетите и буџетските корисници завршните сметки да ги објавуваат на својата веб страница во рок од 15 дена од доставувањето на истите до Регистарот на годишните сметки при Централниот регистар на Република Македонија.


Ова е предлогот за измени на Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници кој го предлага Министерството за финансии кој што е доставен до Единствениот национален електронски регистар на прописи и кој треба да биде разгледан од Владата.

Согласно Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници, буџетите и буџетските корисници се должни завршните сметки да ги достават до регистарот на годишни сметки при Централниот регистар на Република Македонија до крајот на месец февруари наредната година. 

Буџетите и буџетските корисници имаат обврска завршните сметки освен до Централниот регистар да ги достават и до Државниот завод за ревизија. 

Буџетите и буџетските корисници немаат законска обврска да објавуваат податоци за состојбата на средствата, обврските, изворите на средствата, како и за остварените приходи и реализираните расходи од работењето во претходната година.

Ова се податоци кои се содржани во завршните сметки на буџетите и буџетските корисници, кои овие институции немаат обврска да ги објавуваат.