ИЗМЕНЕТ ПЛАНОТ ЗА СТОПАНСКИ ДВОР: Наместо изградба на фабрики, жителите ќе си ги легализираат куќите

Општина Ѓорче Петров за да им излезе во пресрет на граѓаните, односно за полесно да може да си ги легализираат своите објекти, објави дека Советот на општина Ѓорче Петров на последната 13. седница, ја изгласал одлуката за измена и дополна на УПВНМ-клучка Стопански двор. Со измената се предвидува дел од планот од индустрија да се менува во домување.

Урбанистичкиот план вон населено место (УПВНМ)-клучка Стопански двор е усвоен со одлука на Советот во 2010 година, со намена Г2, Г3 и Г4-лесна незагадувачка индустрија. Се состои од три урбани единици – А, Б и В.

– Со стапување во сила на Законот за легализација во 2011 година со појави потреба од измена на дел од намената на планот од Г индустрија во А домување, бидејќи дел од урбана единица А (УЕА) е со изградени објекти за домување и сопствениците на овие објекти не можеа да си ги легализираат, бидејќи не одговараше намената на планот, посочи на својот ФБ-профил градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

Урбана единица Б ќе ја задржи намената Г, бидејќи парцелите кои генерално беа во сопственост на РМ, веќе се оттуѓени по пат на јавно наддавање. Урбана единица Б во која од усвојувањето на планот во 2010 година до денес не е издадено ниту едно одобрение за градење со намена Г.

– По согледување на општината и од барање на граѓаните се пренаменува комплетно во А – зона за домување, бидејќи се наоѓа на извонредна локација кон југ и поглед кон планината Водно и браната Матка, посочува градоначалникот.