Измами за наводни сообраќајки: Неколку аеродромци останале без големи суми на пари

Две пријави за измами стигнале до Полициската станица Аеродром. 

-На 29.09.2022 во 22.00 часот во Полициската станица Аеродром, 74-годишен скопјанец пријавил дека тој и неговата сопруга биле измамени од едно лице за сума од 3.500 евра. Според пријавеното, лицето им се јавило околу 09.15 часот и ги известило дека нивниот син предизвикал сообраќајна несреќа во која починало дете и доколку сакаат да се спаси од затвор ќе треба да му дадат пари. Како што е пријавено, тие се договориле и му ги дале парите, но подоцна сфатиле дека се измамени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираше полицијата. 
Во друг случај, исто така вчера во 20.30 часот во Полициската станица Аеродром, 84-годишна скопјанка пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 60.000 денари и 1.700 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило околу 17.30 часот и ја известило дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која починало дете и доколку сака да ја спаси од затвор ќе треба да му даде пари. Како што е пријавено, тие се договориле, по што му ги дала парите, а откако ќерка ѝ дошла дома таа сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.