Измамени потрошувачи сведочат: На полица една цена, на каса друга

Измамени потрошувачи сведочат дека производите имаат една цена на рафтовите по маркети а друга во фискалната сметка. Случајност или не?

На рафт една цена, а на каса друга цена. Ова е честа појава во супермаркетите на што редовно се жалат граѓаните кои се револтирани поради тоа што, како што велат, “во очи нè прават будали“. Многу често граѓаните одат да пазарат во некој маркет токму поради одредени акции и попусти, а кога ќе дојдат на каса им ја куцаат редовната цена. Некои од граѓаните велат дека кога ќе дојдат дома и ќе ја видат фискалната сметка се чувствуваат измамени. Други, пак, кои се обиделе да го вратат производот на каса се соочиле со невкусни коментари од страна на касиерките.

Како што гласи онаа народната „кој ќе се изгори од млеко, дува и на јогурт„, па така и повеќето граѓани кои биле измамени сега се многу повнимателни кога се работи за цените на производите на акција.

Граѓаните реагираат и укажуваат дека тоа се недоразбирања кои најчесто се поврзани со ценовникот или со неправилно означување на производите. Најчесто цехот го плаќаат помалку внимателните купувачи, бидејќи овие трговски трикови многу тешко можат да се забележат кога се купува во поголеми количини.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека во законот за заштита на потрошувачи стои дека потрошувачот пред да донесе одлука за купување на некој производ треба да биде правилно информиран за цената по која го купува. Оттаму велат дека во ваков случај потрошувачите треба да ја платат цената која е на рафтот, а не онаа која е во компјутер. Доколку имаат проблем околу тоа треба да го пријават случајот во Пазарна инспекција.

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека и до нив стигнуваат пријави за вакви неправилности по што тие излегуваат на терен и го проверуваат извештајот на каса во посочениот маркет. Доколку се утврди дека нема усогласеност во цените тогаш се преземаат санкции и се изрекуваат глоби за прекршителите.