ИЗМАМА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ: За лажни попусти казнети четири фирми

Плати едно, земи две! Нова колекција по стари цени! Ова се само дел од рекламите што секојдневно осамнуваат во трговските центри и локалните продавници пред новогодишните празници. 

- Утврдени се четири неправилности, односно субјектот на надзор не ја истакнал претходната цена. Втора неправилност е што трговецот физички не ги одвоил производите што се ставени на распродажба од оние што не се на распродажба. Исто така, дел од трговците на јасно и на видно место не истакнале натпис дека се работи за распродажба - велат во Инспекторатот.

Според нив, доколку Државниот пазарен инспектор при вршење инспекциски надзор констатира неправилност во делот на намалување на цените, во согласност со Законот за заштита на потрошувачите ќе води постапка на едукација.Ако субјектот на надзорот, односно правното лице, не постапи по едукацијата во законски рок од 8 дена, инспекторот ќе почне со водење прекршочна постапка. Глоба во износ од 700 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на правното лице, односно трговец поединец, и глоба во износ од 30 отсто од одмерената глоба на правното лице.

Она што може да се види во градот е дека наместо класичен излог, на продавниците има само плакати на кои стои колкаво е намалувањето на одредени производи. Некои од продавачките во бутиците велат дека имаат понуда на артикли со попуст што се нуди на излогот, а други не коментираат ништо и оставаат потрошувачите сами да донесат одлука дали попустите се лажни. Влеговме во бутик со зимска гардероба со наводен попуст од 50 до 70 отсто. Прошетавме околу рафтовите и сфативме дека намалувањето е минимално. Така, капут кој претходно чинел 5.000 денари, сега се продава по цена од 4.200 иако на рафтот стои дека е намален цели 50 отсто.

Според Законот за заштита на потрошувачите, при распродажба трговците се должни на означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените, независно од тоа дали намалувањето е изразено во износ или процент, мора да бидат назначени и старата и новата цена (или процентот на намалување до видливата стара цена, која може да биде и пречкртана). Старата цена мора да се употребува минимум 30 дена пред да започне распродажбата. Трговецот мора физички да ги одвои производите што се ставени на распродажба од останатите и јасно и на видно место да истакне натпис дека се работи за распродажба.