Излозите во црвено, маркетите со понуди - Трговците ќе се „опарат“ за Свети Валентин

Излозите на продавниците веќе блеснаа во знакот на претстојниот празник - Денот на вљубените Свети Валентин, а маркетите ги објавија празничните понуди со производи кои може да се подарат. 

Овој празник, се слави на 14.февруари паралелно со Денот на лозарите - Свети Трифун. 

Подароци, букет цвеќе, плишани мечиња, романтични вечери, љубовни чоколади, персонализирани чаши, рамки - ова се дел од подароците кои си ги подаруваат вљубените. Велат, пораката е да се посвети внимание на саканата личност. Но, убедливо на празникот најмногу му се радуваат трговците.

И низ продавниците и маркетите и на интернет-мрежата се нудат најразлични идеи за подароци. Од персонализирани подароци, до мечиња, чоколади и вина во празнична амбалажа, па се до апарати за домаќинството на „светивалентински“ попуст. Не изостанаа ниту празничните понуди за патувања. 

Се чини дека најголеми потрошувачи се помладите, кои си разменуваат симболични подароци во име на љубовта. 

Скопјани поделени околу празниците, некои ги следат западните трендови и ја слават љубовта, а други, ја продолжуваат македонската традиција да се ужива во квалитетно македонско вино.