Изложбата „Вангел Коџоман, 120 години од раѓањето“ во Даут-пашин амам

Изложба посветена на доајенот на современото македонско сликарство Вангел Коџоман ќе биде отворена вечерва, во 20 ќасот во Даут-пашин амам, во Скопје, по повод 120 години од неговото раѓање.

Коџоман ѝ припаѓа на првата генерација академски образовани уметници, заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, а нешто подоцна и Василие Поповиќ-Цицо, Димо Тодоровски, Томо Владимирски и Љубомир Белогаски, кои се сметаат за основоположници на македонската модерна уметност.

„Важно е да потсетиме на огромните напори што овие автори ги вложувале во своето творештво за осовременување на македонскиот ликовен и културен живот, кој се одвивал во тешки економски и општествено-политички услови. Тие твореле во времиња кога уметноста не ѝ била толку блиска на пошироката јавност, во период обележан од војни, сиромаштија и несигурност. Делата на овие автори за нас претставуваат и своевидно сведоштво за тие минати времиња, белези што нѐ потсетуваат на промените што се случувале, а кои уметниците ги доживувале на ним својствен длабок, емотивен, индивидуален начин. Во творештвото на Вангел Коџоман тешко може да се издвојат одредени фази. Грубо, тоа може да се подели на два временски периода: пред Втората светска војна до 1950 година и од педесеттите до осумдесеттите години. Првиот е период кога во неговите дела се забележува академскиот реализам, како и постимпресионистичко влијание од белградската ликовна школа, додека вториот се карактеризира со веќе формиран личен колористички експресионизам што преовладува во неговите дела, а со елементи од фовистичкото сликарство“, велат од Националната галерија.

До крајот на својот живот (1994) вредно, одговорно и со огромна љубов ќе биде посветен на својот занает: уметноста и сликарството.Улогата на Вангел Коџоман како еден од основоположниците на македонската модерна уметност ќе остане забележана и високовреднувана во историјата на македонската уметност.

Изложбата ќе трае до 20 декември годинава.