Изложбата „Точки на интерес“ во КИЦ ќе биде отворена до 14-ти декември

Изложбата на фотографии на Живко Јаневски „Точки на интерес“ се отвори вчера во Културно-информативниот центар, во Скопје.

Се работи за истражувачки проект од 2020 година во Музејот на град Скопје на Оделот за „Современа фотографија и филмски материјал“, со случајно пронајдени фотографски материјали (филмски негативи), кои довеле до сознание дека целокупниот материјал е од фоторепортерот и доаенот на македонската фотографија Живко Јаневски работен за потребите на „НИП Нова Македонија“.

-Во овие фотографски записи, материјали достапни за оваа изложба, снимени во почеток на деведесетите години на минатиот век односно од средината на 1989 до 1994 година, документиран е периодот на осамостојување на нашата држава како и времето на големите опшествени промени. На филмските негативи запишани се првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички преставници од повеќе земји и организации и бројни други случувања околу Собранието како и бројни културни и спортски настани. Проценка е дека тоа се извонредни материјали, снимени од еден наш врвен фото журналист, кои сега и јавно се презентираат во форма на изложба.
На изложбата се поставени 110 дигитално испечатени фотографии - информираат од КИЦ.

Од КИЦ додаваат дека изложбата ќе биде отворена до 14 декември, а галериите ќе работат секој ден од 10 до 20 часот и сабота од 10 до 14 часот.