Изложбата на дела од Иван Велков отворена до 26 април

Изложбата „Иван Велков, 90 години од раѓање“ во Чифте амам ќе може да се посети до 26 април 2021. Со одобрение и согласност на сопствениците кои ги отстапиле делата од нивните колекции, Националната галерија одлучи да ја продолжи поставката на изложбата поради голем интерес од нејзиното отворање пред еден и пол месец.

На изложбата се претставени 90-ина дела од сите творечки фази на Велков, кои се дел од колекциите на Националната галерија, Музејот на современата уметност, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, семејството Велкови, како и  голем дел приватни сопственици.

– На наше големо задоволство, не опаѓа интересот за посета од пошироката јавност. Заради овој факт, а во насока да обезбедиме прилика за сите оние кои немаа можност да ја посетат, поставката ќе биде изложена до 26 април 2021. Во време на рестриктивно движење и дружење и социјална дистанца, посетеност, исто така, бележи и вториот храм на уметноста – Даут-пашиниот амам, соопшти Галеријата.

Во соопштението НГМ  наведува дека посебна чест им е што за изложбата „Иван Велков, 90 години од раѓање“ има интерес и од  претставници на дипломатскиот кор. Меѓу нив, изложбата ја посетиле и амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада и неговата сопруга.

– Тоа беше можност за директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, да го запознае амбасадорот со творештвото на ликовниот уметник Иван Велков и да ја претстави постојаната поставка во Даут-пашиниот амам. Бидејќи уметноста има универзален јазик, беше отворена можност за идна соработка меѓу двете земји, пред се во сферата на музеологијата и заштитата на културното наследство, информира Националната галерија.

Галериите Чифте амам и Даут-пашин амам може да се посетат секој ден во неделата, освен во понеделник, од 10 до 18 часот.