Изложбата „Иван Велков, 90 години од раѓање“ во Чифте амам ќе може да се посети до 26 април 2021. Со одобрение и согласност на сопствениците кои ги отстапиле делата од нивните колекции, Националната галерија одлучи да ја продолжи поставката на изложбата поради голем интерес од нејзиното отворање пред еден и пол месец.
На изложбата се претставени 90-ина дела од сите творечки фази на Велков, кои се дел од колекциите на Националната галерија, Музејот на современата уметност, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, семејството Велкови, како и голем дел приватни сопственици.
– На наше големо задоволство, не опаѓа интересот за посета од пошироката јавност. Заради овој факт, а во насока да обезбедиме прилика за сите оние кои немаа можност да ја посетат, поставката ќе биде изложена до 26 април 2021. Во време на рестриктивно движење и дружење и социјална дистанца, посетеност, исто така, бележи и вториот храм на уметноста – Даут-пашиниот амам, соопшти Галеријата.
Во соопштението НГМ наведува дека посебна чест им е што за изложбата „Иван Велков, 90 години од раѓање“ има интерес и од претставници на дипломатскиот кор. Меѓу нив, изложбата ја посетиле и амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада и неговата сопруга.
– Тоа беше можност за директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, да го запознае амбасадорот со творештвото на ликовниот уметник Иван Велков и да ја претстави постојаната поставка во Даут-пашиниот амам. Бидејќи уметноста има универзален јазик, беше отворена можност за идна соработка меѓу двете земји, пред се во сферата на музеологијата и заштитата на културното наследство, информира Националната галерија.
Галериите Чифте амам и Даут-пашин амам може да се посетат секој ден во неделата, освен во понеделник, од 10 до 18 часот.