Изложба: “Везилка – девојка подготвена за мажење” во Музејот на град Скопје

Социјалните аспекти на животот и естетските вредности од 19. век до денес, во многу нешта се променија, па така везот и умешноста на везењето кои некогаш биле еден од најважните сегменти на народното творештво и едни од основните показатели дали некоја девојка е подготвена за мажење, денес целосно го имаат изгубено своето значење.

Токму изложбата “Везилка – девојка подготвена за мажење” која во Музејот на град Скопје ќе биде поставена до 11 ноември, ни ја открива сета величенствена убавина на рачната изработка и историјата на везот во скопскиот регион.

“Со претставувањето на предметите од етнолошкиот фонд на Музејот на град Скопје, идејата е да се прикаже везот како еден од највредните и најкарактеристичните елементи од македонската текстилна орнаментика, преку музејските експонати од крајот на 18. век до 60-тите години на 20. век. Тој е најмногу застапен на женската народна носија, но бил карактеристичен украс и на делови од градската облека и покуќнина. Везот бил начин на естетското изразување на жената. Девојката во везот вложувала сета нејзина умешност, креативност, смисол за естетика и креативен дух”, вели Татјана Ѓорѓиовска, кустос советник етнолог во Музејот на град Скопје, која заедно со Славица Христова, кустос советник етнолог и Оливера Џартова -Тачевска кустос етнолог, се организатори и автори на атрактивната изложба.

На изложбата, пак, она што прво може да го забележите се уникатноста и убавината, впечатливиот колорит, формата и композицијата на изложениот селски и градски вез во најголем дел од Скопска Црна Гора, Скопска Блатија и самиот град Скопје. Она што ќе го заинтересира секој посетител е секако и историјатот на везењето на овие простори. Така, покрај експонатите кои претставуваат везени кошули и покуќнина ипреку слајд и на паноа со фотографии и текст, се добива претстава за значењето на везот.

Ученичка и невестинска кошула
“Изучувањето на везот и вештината која ја поседувала девојката биле еден од основните моменти, услови за нејзино мажење. Се оценувала нејзината способност и колку е таа вредна. Изложбата опфаќа и макета на “куќарица”, посебен објект во кој се сместувани девојчињата кои учеле да везат, а кои биле изградени од дрво и слама на посебно одбрани места. Исто така прикажани се и фотографии од процесот на изучување на везот. Ова образование почнувало на 7-8 годишна возраст и траело три до десет години.

Изучувањето започнувало прво со кошулата која се нарекува ученичка кошула и која е наједноставна, па се до последната невестинската која има најсложен вез. Вкупно се изработувале најмалку 5 до 6 кошули до најмног 29. Кога ќе ја направела невестинската кошула која била и најсложена, девојката била подготвена за мажење. Овие експонати за првпат се изложени пред јавноста како еден сегмент од носијата. Ова е повеќе еден социјален момент, подготовка на девојките за мажење и влегување во светот на возрасните ”, вели Ѓорѓиовска.

За разлика од селската средина, девојките во градот исто така го подготвувале својот чеиз подучувани од мајката. На изложбата исто така е изложен и ѓерѓефот, рамка на која се распнувало платнот врз кое се везе, како неизбежен елемент од моминската соба.

Машините за шиење го истиснуваат везот
Бидејќи носијата се носела некаде до Втората светска војна, во тој период се сретнуваат кошули со редуциран вез, а веќе со навлегувањето на машинското производство, со машината за шиење која станувало се подостапно на секое домаќинство, везот се истиснува.
Интересно е што соодветно на ориенталниот стил на облекување кој преовласувал во градот Скопје кон крајот на 19. веки и почетокот на 20. се изработувал и вез со ориентални мотиви најмногу на крпи, чевриња (шамии за глава), но и на други облековни и покуќнински елементи.

Карактеристична е употребата на срмениот конец за овие везови. Со навлегување на европската мода везот полека се истиснува, но не исчезнува. Во периодот по Првата сетска војна везот навлегува во домаќински училишта поради фактот што во тој период и девојчињата почнуваат да одат во училишта. Во овој период е карактеристичен градски вез односно вез со конци во боја, а нешто подоцна и белиот вез.
“Жената покрај тоа што изработувала вез на носија и градска облека, декорирала и покуќнина. Уште во отоманскиот период жената го дала својот белег изработувајќи голем број покуќнински предмети и со тоа практично го декорирала амбиентот земајќи во обзир дека мебелот бил многу едноставен без многу декорации.

Особено биле декорирани прекривките за миндерите (клупи за седење покрај ѕидот) кои во тој период, многу често се изработувале со срма вез. Срма везот особено се изведувал на крпи. Голем дел од тие биле за бришеење раце, но ако биле премногу убави и убаво украсени се употребувале како украсни предмети над огледала и полици, за да бидат видени. На почетокот на 20 век има и мешани везови, со срмени и со шарени конци, особено на пешкири. И со почетокот на 20 век со техниките кои доаѓаат од запад почнува белиот вез. Изведен на бела памучна основа со памучен конец, тој станува многу популарен. Се прават чаршави, постелнина, марами за бовча … објаснува Оливера Џартова -Тачевска, која додава дека од 70-те години од 20. век жените, пак, почнуваат да купуваат шеми од специјални часописии за гоблени и за вез кои ги аплицираат врз ткаенинана која потоа везат.

Но, и тие се значајни бидејќи покажуваат дека и покрај промените кои се случуваат после 2. Светска војна жената во општествениот живот има потреба да ја изрази креативноста и да ја продолжи традицијата.