Изложба „Спомени од Првата светска војна“ во Музејот на македонската борба

На 24 декември, понеделник, во 12 часот, во холот на НУ Музеј на македонската борба ќе биде отворена изложбата „Спомени од Првата светска војна“ со која музејот ќе одбележи 100 години од крајот на еден од најкрвавите и најдраматичните настани од светската историја.

„Со поддршка на Министерството за култура, тематската мултимедијална изложба ги опфаќа најзначајните настани, процеси и сведоштва од Големата војна во Македонија. Преку различни видови и форми меморија – документарни материјали, фотографии, лични сведоштва, поткрепени со богат музејски фонд, изложбата ги презентира војничкиот живот, но и животот во време на војна од наша, автентична, перспектива“, велат од Музејот за изложбата.

Изложбата ќе ја отворат Асаф Адеми, министер за култура на Република Македонија и Кристијан Тимоние, Амбасадор на Република Франција.