Изложба „Поместени граници“ во галеријата на МКЦ

Изложбата со наслов „Поместени граници“ ќе биде отворена денеска со почеток од 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ).

Како што информираат од МКЦ, на изложбата ќе учествуваат автори од Македонија, но и гости од странство. Со свои дела ќе се претстават: Анастасија Пандиловска, Филип Фидановски, Маја Кировска, Кристијан Тодоров, Јелена Лалиќ, Игор Таневски, Светлана Волиќ, Ана Цицовиќ и Ејприл Дауша.

„Граница е нешто што сугерира на статичност и постојаност, а поместувањето наговестува неминовно движење, можеби, но не и со сигурност конфликтно, во секој случај поместување од динамичка природа. Идејата за бришење на линијата која современиот ликовен медиум го дели од класичната ликовна уметност, со појдовна точка од концептуалното размислување, наидува на конвенционален творечки пристап, па сходно на тоа целта на овој проект е да ѝ се прикаже на пошироката публика новиот аспект на актуелното ликовно истражување“, се наведува во најавата за настанот.

Куратор на изложбата е Христијан Санев, претседтел на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).