Изложба на оружје и воена опрема по повод Денот на АРМ

По повод одбележувањето на Денот на АРМ, утре 18. август (сабота), на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, од 10.00 до 14.00 часот, ќе биде поставена изложба на борбени средства, техника и опрема на армијата, информираат од Генералштабот на АРМ.

Изложбата во 11.00 часот ќе ја посетат и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ на АРМ генерал мајор, Васко Ѓурчиновски.

„Армијата на Република Македонија ги поканува граѓаните на Скопје и Републиката да го посетат тактичко-техничкиот збор каде ќе имаат можност покрај материјално-техничките средства, борбените возила и вооружувањето на АРМ, да се запознаат и со армискиот хеликоптер Ми-8/18“, се наведува во соопштението.

Како дел од програмата ќе бидат прикажани и борбените вештини на припадниците од баталјонот за специјални намени „Волци“, точката „Егзирцир“ на баталјонот за почести, прелет на хеликоптер Ми-8/18, приказ на обученост на службените кучиња на АРМ и изведби од воениот оркестар.

Покрај тоа, во соопштението се додава дека за време на настанот посетителите ќе имаат можност да дегустираат војнички приготвен грав од припадниците на логистичката бригада или да проверат крвен притисок од страна на припадници на воено-медицинскиот центар.