Изложба на Дороти Пачкова поттикната од стереотипите за самохраните мајки

Уметницата Дороти Пачкова вечер во Охрид ќе отвори седма самостојна изложба насловена „Уште што друго сум освен што сум канцер во општеството?“.

Авторката била поттикната од стигматизирањето и дискриминацијата  на жените, особено на самохрани мајки, а целта и е со овој проект да влијае на културните ставови и да ги трансформира стереотипите. Изложбата содржи 20 концептуални фотографии на жена во различни ситуации од нејзиното секојдневие.

– Фотографиите референцираат на првите феминистички фотографии, но во современ контекст и преку перспектива на сингл-мајчинство. Свесно се доведени до радикално нагласување на успешноста на жената, токму поради потребата да се излезе од дисфункционалниот  матрикс наметнат директно и индиректно. Целта е и да и претстави на пошироката публика какви се способности може да имаат жените, и посебно – да еманципира дека сингл-мајките не се канцер на општествата, истакнува Пачкова.

Со проектот авторката, како што вели, сака да поттикне и феминистичко-уметничка, конструктивно-критична маса која ги истражува дискриминацијата, сексуалната објективизација, угнетувањето, патријархалноста, стереотипизирањето и слични родови проблеми.

Изложбата е патувачка и покрај во Охрид, ќе биде поставена и во Струга, Тетово, Штип, Битола и Скопје.