Изложба на дела од фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“ во КИЦ-Скопје

Во Културно-информативниот центар, вечер ќе биде отворена изложба на дела настанати на првото издание на меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“, што се одржа од 6 до 10 јули во Скопје, под мотото „Да растеме заедно“.

Изложбата е од ревијален карактер и на неа може да се види игривиот дух полн со експериментирања на различните благородни фотографски техники, кој провејуваше за време на одржувањето на работилниците. Предавачи на работилниците беа Предраг Узелац и Ивана Томановиќ од Србија, Милош Звицер и Дејан Калезиќ од Црна Гора, Кети Талевска-Бакревска, Викторија Мачковска и Сашо Алушевски од Македонија. Најголемиот број учесници беа од земјава, но имаше учесници и од Босна и Херцеговина и Србија, информираат од Културно информативниот центар – Скопје.

Мисијата на „Зрно“ е да поттикнува млади автори и авторки, да се впуштат во едно посериозно третирање на фотографијата, да направи заедница базирана на соработка помеѓу љубителите на алтернативната фотографија во светот. Да понуди можности за соработка помеѓу алтернативните фотографи, институциите и академиите за уметност, на алтернативен начин.