Во горното фоаје на кино „Фросина“ (Младински културен центар) вечерва со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложба на цртежи од Ангелца Соиљковиќ, сликар-дизајнер.

Своето образование го стекнала во Скопје на Педагошката академија „Климент Охридски“ во класата на: Борко Лазевски, Спасе Куновски, Ванчо Георгиев, Данчо Ордев и Љупчо Стефановски. Учела средно уметничко во Белград, Р Србија, во класа на професори: за графички дизајн – Милан Ракиќ, за фотографија – професор Ѓорѓевиќ, за сликарство – Недељко Гвозденовиќ.

Соиљковиќ е добитничка на награда за експериментален цртеж за 2017 година.

Виолета Калиќ, историчар на уметноста, за работата на Соиљковиќ ќе рече:

„Опитноста во синхронизацијата на изразните елементи во духот на минимализмот ја артикулираат метафоричноста на мета пределот, едновремено воспоставувајќи ја релацијата помеѓу детерминираниот свет на појавните симболи и напојавниот свет на проектираните расположенија, кои ги сугерираат селективно одбраните елементи во духот на геометризмот и апстракцијата.
Плохата, дуализмот и дихотомијата на контрастите, во интерполација со соодносите на монохромната структура, како и компактноста на структурата побудуваат впечатлива сугестија и алузија на пречистени геометризирани објекти топоними во аплицираните сегменти, во духот на 3Д-проекциите, кои се синоними за една неопластична постмодерна хибридна, сајбер-метастварност. Контрастите на навидум контролираната енергија и динамика на сугерираниот вектор ја детерминираат предвидливата непредвидливост на движењето на ововремената технологизирана цивилизација. Како оттргнати сегменти од бесконечноста на воедно дефинирани и недефинирани предели, сугерираната проекција на линијата и графицизмот создаваат пречистени и воедно енигматичи соодноси на ововремениот футуристички дефиниран простор и време, со незапирлива, предвидливо непревидлива динамика на проектирани можности на ововремениот технологизирано кодиран свет.

Низ малите кревки предели на перфорацијата провејува порив за потрагата по оној зрак можна светлина, која ќе нѐ соочи на миг со светот во нас самите – потиснат, ремодулиран, рудиментиран, редефиниран и преобликуван… Запрен, заборавен, подреден на едни нови законитости и логаритми на едно поинакво сегашно време… Или преточен на миг во една поетика на метафорични растери на појавната и непојавна стварност во која ги осознаваме на миг бројните парадигми од лавиринтите на моќното рацио и кревката потсвест на уметникот, едновремено создател и медијатор“.