Изложба „Кршливоста на светулките“ утре во Музејот на град Скопје

Во Музејот на град Скопје утре ќе биде отворена изложбата на македонската сликарка Надја Петровиќ, насловена „Кршливоста на светулките“, составена од дела во масло на платно во голем формат.

Авторката Надја Петровиќ во овој циклус го има изградено својот сликарски јазик во фигуративно сликарство каде доминира човекот и човековата состојба како резултат на неговото дејствување.

Современиот реализам и ликовната сликарска техника на фигурацијата на нејзините избрани човекови модели е темелен и студиозен приказ на актот и на неговите прекршувања, акцентирани преку апстрактни форми во однос на емоциите, идентитетот и опкружувањето.

Петровиќ е родена во Битола 1991 година. Ликовните афилиации уште од основното образование ги гради преку учество на уметничката манифестација Мал Битолски Монмартр. За време на гимназиското средно образование заминува на на неколку студиски престои во Централниот Колеџ Сент Мартин за уметност и дизајн во Лондон. Дипломира 2013 година оддел сликање и цртеж на Уметничката Академија во Фиренца, и на истата Академија магистрира во 2017 година на одделот за визуелни уметности и нови форми на уметничко изразување. Истата година е и Првата самостојна изложба во Галеријата на НЛБ Банка во Скопје. Делата на уметницата Петровиќ се наоѓаат низ приватни галерии низ повеќе светски метрополи.