Изложба „Чудниот рај“ на Сашо Блажес во Скопје

В петок во галеријата „КО-РА“ во Скопје ќе биде отворена изложбата „Чудниот рај“ на ликовниот уметник Сашо Блажес од Охрид.

Изложбата, која ќе трае до 23 ноември, претставува прво претставување на авторот пред скопската публика со дела работени меѓу 2005 и 2013 година. Изложбата ќе биде отворена за посета секој ден освен викенд од 8:30 до 16:30 часот.

В петок ќе бидат изложени дела обединети под еден наслов „Чудниот рај“, дела изработени во периодот од престојот во Букурешт од 2005 до 2013 година. Делата естетски се осврнуваат на проблемите во цртежот, комбинирањето со други графички елементи, но и сликарски моменти и премрежја.

За неговото творештво кураторот на изложбата, Виолета Калиќ, кажа дека „Чудниот рај“ е можност да се допре дел од инспирацијата, која допира многуслојно опсервирање на човековата природа.

„Имаме и еден свет кој е и личен и универзален во ист момент, конгломерат на надреални собитија.Тоа е една растреперна атмосфера каде јавето и сонот се поклопуваат, глобалните проблеми и сништа, сето она што едно човечко битие успева да го апсорбира во свеста и потсвеста“, вели Калиќ.

Блажес дипломирал и магистрирал на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. Досега Блажес има изложувано во Берлин, Букурешт, Венеција, Њу Јорк, Темишвар, Сараево и Охрид.