
Излезноста на изборите за градоначалници и советници за првпат не надмина 50 отсто, ниту во првиот круг, ниту во вториот круг, што ги прави овие осми локални избори со најмала излезност од независноста на државата досега.
Според податоците на ДИК, во првиот круг за избор на градоначалници, излезноста е 48.30% од вкупно регистрираните избирачи. Од 1.832.415 регистрирани избирачи во Избирачкиот список, гласале 885.085 избирачи.
Излезноста во вториот круг на локалните избори 2025, според податоците на ДИК, од обработени 98,26 % од избирачите изнесува 40,46 отсто. Според првичните неофицијални податоци на ДИК излезноста во вториот круг е 41,24%.
Во вториот круг, општини со најголема излезност се: Росоман – 79,68% и Лозово – 77,85%, додека со најмала се: Куманово – 35,70% и Шуто Оризари – 32,03%
За градоначалник на Скопје, излезноста во вториот круг, изнесува 35,33 отсто. Од вкупно 474.304 избирачи, гласале 167.575.
Најголема излезност има во Карпош – 50,52% и Центар – 47,59%, каде исто така се гласаше и за општински градоначалник во вториот круг, додека најниска излезнсот има во Сарај – 12,27% и Чаир – 14,15%, каде се гласаше само за градоначалник на Град Скопје.
Најголема излезност во првиот круг на изборите за градоначалници во земјава имало на локалните избори во 2013 година – 67 отсто, по што е во постојан пад, на 60 отсто на локалните избори во 2017 и 50,57 отсто на локалните избори 2021 година.