Излези и диши во недела на Пржар

Сите луѓе да излезат надвор од затворените простории и на една кратка и лесна тура да се дружат и да дишат чист воздух, повикуваат од иницијативата #ИзлезиИДиши.

-Зависници од пентарење, чист воздух, слаба бучавост и добар грув ќе присуствуваат во недела на Скопска Црна Гора.Турата е погодна и за помалку активните скопјани кои се качуваат на Водно и за сите оние кои сакаат да ни се приклучат а притоа имаат искачено некоја планина, велат од иницијативата.

Ова е кратка тура која е како измислена за дружење, запознавање, разговарање , а добредојдени се сите планинарски друштва.
Почетна точка на турата е с. Побожје, 570 мнв, по што е предвидено и  искачување до врвот Пржар, 1625 мнв. За оние кои што сакаат да дојдат на турата, потребна  е психофизичка подготвеност за пешачење во зимски услови, високи разгазени зимски чевли и гамашни и зимска топла облека која штити од дожд и ветер.

Од иницијативата додаваат дека за оваа тура нема организиран превоз, но до почетната точка во с.Побожје може да се стигне со сопствено возило или со приградски автобус број 61, кој тргнува во 06:45 од автобуската станица за приградски линии на Железничка.

Автобус за назад, кој исто така тргнува од с. Побожје, има во 14:45 и во 16:30 часот.