Излетнички места на скопјани во минатото

Скопската околина секогаш го привлекувала вниманието на скопјани, а особено нејзините манастири и цркви.

Околните места со градот биле поврзани со лоши патишта, на пр. до Нерези, Матка, Скопска Црна Гора, Марков манастир на Маркова Река итн. Поради ваквата состојба на лоши патишта,  во 1931 година  биле уредени патиштата од Скопје до селата Бразда, Мирковци, Кучевиште, Љубанци, Раштак и Булачани.

До овие места најчесто се патувало  пеш, со автомобил, пајтон, чеза, шпедитерски коли или поретко со велосипед. Многу често, за време на викенд, скопјани се одморале на падините на Водно, најмногу во селото Горно Водно кое се нарекувало “Крстивар” со надморска висина од 1080 м. Од ова село се пружал поглед на венецот Шара, на Пореч, на Јакупица итн. Градот Скопје има средноевропска клима со жешки лета. Парковите и зеленилата кои до некаде ги ублажувале тропските горештини, не биле доволни. Отсуството на  канализација и водовод ја влошувале здравствената состојба на граѓаните за време на летните жештини.

Причина за ваквата состојба била и неизвршената асанација на мочуриштата на Скопското Поле, Блатијата, каде што се множеле маларични комарци.

Меѓутоа, во непосредна близина на Скопје немало излетнички места до кои  можело да се дојде брзо и лесно. Планината Водно не била доволно посетувана поради отсуство на патишта.

Излетничките места на скопјани во 1933 година биле насочени во два правци. На северната страна тоа биле манастирите и селата на Скопска Црна Гора, како Бањани, Чучер, Св. Никита, Љубанци, Побожје и други, а од северозападната страна Матка и кањонот на реката Треска. И двете излетишта од градот биле оддалечени  повеќе од 20 км. Поради ова, најпосетувани биле излетничките места во Кисела Вода, Тасино Чешмиче, Нерези, Св. Пантелејмон, Катлановска Бања, Водно итн.