Изгубени лица, луѓе со скршеници - тимот за спасување на Водно со полни раце работа

Луѓе со скршеници, повозрасни граѓани кои добиле мозочни или срцеви удари додека биле на планина, се само дел од случките во кои биле вклучени обучените членови на тимот од единицата за итна интервенција при Црвен крст на Скопје.

Станицата на Водно работи за време на викенди и празници, кога на планината има поголема фреквенција на луѓе, а во тимот за спасување на планина работат волонтери, планинари и лица подготвени да даваат прва медицинска помош. Тимот за спасување на планина располага со две спасувачки станици. Покрај оваа на Водно, која е активна во текот на целата година, има уште една лоцирана на Матка – станицата „Димитар Боцевски“, која е активна од јули до септември. Тимот за спасување на планина има 15 лица, а постојано секој викенд дежураат по двајца спасувачи. Ова спасувачка станица финансиски е поддржана и од градот Скопје. 

На Водно се случуваат најразлични незгоди, па често страдаат и пешаци кои се удрени од оние кои брзо возат велосипеди. Во една ситуација била удрена жена на која и' биле нанесени потешки повреди и се здобила со отворени рани. Но, по брзата интервенција на момчињата од планинската станица повредената била хоспитализирана и навреме ја добила потребната лекарска помош. 

Драматична, била и случката кога се загубило цело семејство со две малолетни деца на возраст од 5 и 8 години. Се изгубиле под патеката на жичарницата и се вртеле во безизлез низ шумата до 15 часот кога веќе почнало да се стемнува.

Жената имала болки во ногата и не можела да оди, а децата биле исплашени и премрзнати на студот. Кога побарале помош само кажале дека гледаат еден столб од жичарницата на Водно, но тоа било доволно за да можат двајцата спасувачи да ги пронајдат за 15-ина минути и со возило да го одведат до нивниот автомобил. Откако жената ја извлекле од тешко пристапниот терен ја ставиле на носилка.