Изградбата на салата во ООУ „Кузман Јосифовски - Питу“ во Кисела Вода е во напредна фаза - градоначалничката и министерката за образование извршија увид

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска денеска заедно со министерката за образование и наука, Весна Јаневска извршија увид во изградбата на новата спортска сала во ООУ „Кузман Јосифовски - Питу“.

Градоначалничката на Кисела Вода во објава на Фејсбук нагласи дека градежните работи се во напредна фаза и веќе се заокружени 60 проценти од предвидените зафати.

„На површина од 650 квадратни метри подигнуваме современ простор со терени за кошарка, одбојка и ракомет. Овој објект е проектиран да биде и целосно пристапен за лица со попреченост, што претставува значајна додадена вредност за нашата општина. Овој капитален зафат е дел од еден поширок инвестициски бран. Во моментов интензивно работиме и на новата спортска сала при ПОУ „Круме Кепески“ во Припор. Паралелно, со несмалено темпо се одвиваат и значајните доградби на основните училишта „Невена Георгиева - Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, истакна Стаменкоска Трајкоска.

Вели дека ваквиот континуитет на реализирани проекти бил директниот резултат на силната соработка меѓу Општина Кисела Вода, Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија.

„Кога институциите работат синхронизирано, придобивките за младите се реални и видливи“, додава таа.

Градоначалничката воедно порача дека децата од Кисела Вода заслужуваат најдобри услови за правилен развој, а дека тие продолжуваат да градат модерна инфраструктура за нив.