Изградбата на новиот клинички центар во Ѓорче Петров ќе почне до крајот на годинава

Дали претседателските избори ќе ги пролонгираат активностите за изградба на новиот клинички центар?

Министерот за здравство е оптимист дека темелите ќе бидат удрени до крајот на годината, но засега не се знае ниту како ќе изгледа ниту пак кој ќе го гради медицинскиот комплекс во Веле Поле во Ѓорче Петров. Филипче најави дека ги разгледувале сите опции а во разговори биле и со Министерството за финансии за законски измени со кои би добиле пакет од готов проект и градба.

– Во овој момент се ревидира физибилити студијата за гринфилд локација. Веќе се собрани податоците на директорите на клиниките за тоа како и што претпоставуваат и сакаат да имплементираат во нивните одделенија, а во смисла на нови оперативни сали, број на кревети, согласно бројот на пациенти кои се третираат овие изминати години. Ревизијата на физибилити студијата и сите други подготвителни работи околу земјиштето очекуваме да бидат готови во мај и потоа ќе бидеме подготвени и официјално да ја почеме постапката – рече Филипче.

Владата и здравствените власти изгубија повеќе од една година во барање на локација за новиот клинички центар. Според последната одлука, комплексот ќе биде на површина од 90 хектари и ќе чини околу 480 милиони евра.