Изградба на нови три градинки во Општина Гази Баба кои ќе ги задоволат потребите на граѓаните, вети Трајковски

Градинка во Трубарево, Инџиково, Стајковци, со нивна изградба верувам дека ќе ги задоволиме потребите на граѓаните да ги згрижат дечињата, а во меѓувреме работиме интензивно на проширување на капацитетите на постоечките градинки, истакна во гостувањето во „Алфаскоп“ кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски.

-Изминатите неколку месеци направивме проширување со три нови простории на три нови градинки, по изборите очекуваме согласност за вработување на воспитувачки и негователки и од 70 до 75 деца ќе бидат згрижени веднаш во овие нови простории. Ќе овозможиме комплетно во иднината децата да не чекаат, туку сите да бидат згрижени. Ќе продолжиме со изградба на спортски капацитети, планираме изградба на спортска сала во Стајковци и „Вера Јоциќ“. Ние планираме новото училиште „Вера Јоциќ“ да го изградиме комплетно го крај на следната година и изградба на ново основно училиште „Крсте Мисирков“, нагласи Трајковски.

Тој додаде дека остануваат посветени на заштита и зголемување на зеленилото во Парк шумата Гази Баба.