Во општина Ѓорче Петров започна реконструкцијата на улицата што води до училиштето во с. Кучково - проект во вредност од приближно 5.000.000 денари, финансиран преку Првиот повик за капитални инвестиции од Владата на Република Македонија, информираше градоначалникот Александар Стојкоски
„Се реконструира пат во должина од 600 метри, со ширина од 4 метри, што претставува вкупна површина од 2400 м² нов асфалт. Новата патека ќе овозможи подобар пристап и за сите посетители кои сакаат да уживаат во свежиот воздух, тишината и убавините на Кучковската висорамнина – место полно со природа, мир и благодет. Ова е уште еден доказ дека инвестициите не се само во асфалт, туку во вредности, хуманост и квалитетен живот за сите генерации. Продолжуваме – храбро, посветено и одговорно“, се вели во постот на градоначалникот Стојкоски на социјалните мрежи.