Изгласана иницијативата Општина Центар да произведува струја

Со 16 гласа „за“ е изгласана иницијативата за формирање јавно претпријатие за производство и трговија со електрична енергија, со поставување фотоволтаици во Општина Центар. 

Оваа одлука беше изгласана на 14-та седница на Советот на Општината. Советниците од градоначалникот бараа одговори за тоа колку би ја чинело општината ново јавно претпријатие и зошто се брза за таква одлука, на што тој образложи дека не е важно кој предлага да се формира претпријатието, туку да се намалат што побрзо сметките за струја. 

-Се работи за интересот на граѓаните. Проблемот е сериозен. Ќе имаме информации, правиме физибилити студија не со наши пари, туку со стручни луѓе кои сакаат сериозно да им помогнат на граѓаните - истакна Герасимовски. 

Иницијативата подразбира да се изградат фотоволтаични централи на поволни локации со кои стопанисува Општина Центар. Во втора фаза би се инвестирало во производствени капацитети за електрична енергија надвор од општината, а во последната фаза на развојот на претпријатието, самото би ја снабдувало со електрична енергија Општина Центар.

Во образложението на иницијативата стои дека потребно е итно да се започне со функционирање на ова претпријатие за да се избегне колапс на општината.