Изгласана декларација во бугарското собрание, се бара заедничко славење на празници

Вчера во бугарското собрание беше изгласана декларација поднесена од проруската партија „Преродба“ каде стои дека е системски и методично наручен дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија. Декларацијата е поднесена како реакција на изјавите на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и се состои од три точки.

Во првата се декларира политичка намера и аспирација за завршување на изградбата на паневропскиот Коридор 8 на бугарска страна и се повикува владата на Македонија одговорно и со добра волја да пристапи кон сите обврски и договори, со цел навремено да се изградат делниците на македонската територија.

Во втората се инсистира да се врати позитивниот дијалог „кој е прекинат од страна на Македонија“ и да запре „антибугарската кампања во Македонија и провокативните изјави кон Бугарија“.

Додека во третата се потврдува волјата на бугарската држава и институции за организирање на заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, „со оглед на богатата заедничка историја на двете земји“. Исто така, се изразува навреденост од тоа што членови на македонската влада го негираат постоењето на заедничката историја, „што е директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година“.

Во нацрт-декларацијата се повикуваат Европската Унија и Европската Комисија да обрнат внимание и да ги осудат „навредливите квалификации на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој Бугарите ги нарекува недостојни, мизерни и нецивилизирани, а бугарските политичари – маргиналци и корумпирани.

Се нагласува и дека покрај прифатениот француски предлог, „постои опасност преговарачкиот процес за проширување на ЕУ повторно да биде во застој поради едностраното неисполнување на обврските и роковите од страна на РСМ“.