Изгаснат пожарот во Штип - очевидец тврди дека го подметнале две лица

Пожарот што изби во атарот на селото Долани, Општина Штип е изгаснат, потврдија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во гаснењето на огнената стихија помагал и локалец, кој тврди дека пожарот бил подметнат.

„По сведочењата од еден селанец, кој се здобил со лесни телесни повреди при обид за гаснење, пожарот бил подметнат од две непознати лица кои побегнале“, соопштија од ЦУК.

Во пожарот горила голема површина сува трева, стрниште и нискостеблеста шума.

„Во гаснењето учествуваше противпожарната бригада од Штип со 4 возила и 15 пожарникари, доброволното противпожарно друштво со 2 возила и 6 доброволци, механизација од јавното претпријатие ‘Стипион’ од Штип, со 4 трактори кои направиле појас пожарот да не се движи кон селото, како и пожарникари од Радовиш едно возио и оператор на дрон“, нагласуваат од ЦУК.