Издрогиран скопјанец прегазил жена и ја усмртил, избегал и се обидел да го прикрие стореното

Поведена е истражна постапка против скопјанец поради сомнеж дека сторил кривично дело: Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно член 300 став 2, а во врска со член 297 став 1, но и кривично дело - Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода според член 301 став 2 од Кривичниот законик.

Имено на 2 ноември, 46-годишен скопјанец го управувал своето возило „хонда“ под дејство на дрога со брзина поголема од дозволената во селото Марино. Кога се доближил до раскрсница меѓу две улички не забележал дека на коловозот има жена-пешак. Неможејќи навреме да запре, со автомобилот удрил во телото на жената, која се здобила со тешки телесни повреди и починала. Осомничениот, по несреќата, веднаш го напуштил местото на настанот и се обидел да го прикрие стореното кривично дело.

Против обвинетот од страна на Јавниот обвинител е доставен предлог за определување мерка притвор.