Избрани најубаво уредени дворови и балкони во Гази Баба

Градоначалникот на општина Гази Баба денеска додели награди за најубаво уредени приватни и стопански дворови и балкони.

За проектот „Цвеќето и зеленилото на нашата општина“ се пријавија 24 лица, а наградите беа рангирани во 3 категории. Награди добија 5 лица и тоа 3 за најдобро уреден двор поделени во прво, второ и трето место, едно лице за најдобро уреден балкон и едно лице доби награда за најдобро уредено зеленило пред стопански објект. Наградените добија градинарски алат кој ќе им служи за одржување на зеленилото.

„Целта е ваквите проекти да го мотивира населението да ја озелени и ја обои својата животна средина, а со тоа да се разубави и општина Гази Баба. Ние и понатаму ќе продолжиме да ги поддржуваме проектите кои придонесуваат за подобрување на животната средина во општина Гази Баба. Досега успеавме да направиме клучни промени во овој дел и тоа: -за Јавното комунално претпријатие “Гази Баба 2007” кое беше заборавено – набавивме нова опрема и нова механизација, изградивме соодветен нов објект, овозможивме нови вработивања, се во функција на граѓаните, потоа поставивме нова урбана опрема во неколку населени места, постојано ги чистиме и одржуваме дивите депонии, реализиравме неколку еко акции, а даваме и поддршка за менување на кровови и доделуваме субвенции за набавка на печки на пелети“, нагласуваат од општината.

Овој настан се спроведува под покровителство на општина Гази Баба а се реализира со Организацијата на жени на општина Гази Баба.