Избрана фирмата која треба да се грижи за фонтаните од Скопје 2014-та

Фирмата „Комтек“ за сума од 6 милиони денари со ДДВ во наредните четири месеци ќе се грижи за фонтаните од проектот Скопје 2014-та и тоа оние од „Воин на коњ“, „Карпошово востание“, „Пресвета Богородица“, мост „Око“, „Џампинт џет“ на плоштадот „Македонија“, како и фонтаната на спомен-обележјето на паднатите херои и фонтаната ВМРО. 

Градските советници грижата за фонтаните му ја доделија на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, но ниту јавното претпријатие не ја сака обврската да се грижи за фонтаните, па оттаму се побара за нив да се грижи некој трет со распишан оглас од страна на градот за да се ангажира фирма.

– Во минатото градот Скопје распишуваше јавен повик по кој фирми ги одржуваа фонтаните во централното градско подрачје, за што градот одвојуваше од 25 до 30 милиони денари годишно. За порационално работење и одржување, Советот на градот Скопје во јули годинава донесе одлука одржувањето на фонтаните целосно да го преземе ЈП „Водовод и канализација“, каде што градот Скопје се обврзува да ги намирува сметките за потрошената електрична енергија на фонтаните, но нема да одвојува дополнителни средства за нивно одржување. Овој повик е распишан за да му се помогне на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ во овој транзициски период да се адаптира на одржувањето на фонтаните, со што во иднина би можеле да ги одржуваат и во сезоната и при конзервирањето, како и надвор од експлоатацискиот период – изјавиле од Град Скопје за Нова Македонија.