Изборите завршија, но делата на Есма ќе траат вечно

„Мирно небо Есма... Зад себе остави доволно за никогаш да не бидеш заборавена“ - ова е последниот поздрав со кој Каролина Гочева на фејсбук се прости од кралицата на ромската музика, Есма Реџепова.

Во салата на Советот на Град Скопје вчера се одржа комеморативна седница за пејачката, текстописец, хуманитарка и советник во Град Скопје Есма Реџепова-Теодосиевска, која почина во саботата по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст.

На комеморативната седница присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, министерот за култура, Елизабета Канческа – Милевска, претставници на голем број институции, членови на семејството, како и повеќе пријатели, уметници и музичари.

 Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, кажа дека тука се оддава почит на кралицата на ромската музика, на националниот уметник, но и на една голема хумана личност, Есма Реџепова-Теодосиевска. 

 Градоначалникот Трајановски кажа дека со голема тага се простуваме со Есма Реџепова-Теодосиевска, голем човек и многу позитивна личност и хуманист.

 – Есма беше наша кралица на ромската и на македонската музика, но и кралица на хуманоста и една од најголемите претставници на Македонија во светот. Со голема тага можам да кажам дека изгубивме голем човек и сакам да го изразам моето сочуство до нејзиното семејство – кажа Трајановски.

На социјалните медиуми не стивнуваат коментарите и поздравите. Светските медиуми пишуваат за македонската пејачка која што замина на 73 години.

Граѓаните коментираат: Смртта на Есма Реџепова беше засенета од парламентарни избори. Изборите ќе завршат, а делата на Есма ќе останата засекогаш. Навистина е така.