Вчера утрото избил пожар во кујната во клонот на градинката „Детска радост“ - „Калинка“ во населбата Железара - општина Гази Баба, пренесува Фактор. На родителите, вчера рано изутрина им била испратена порака да не ги носат децата во градинката, бидејќи се случил пожар во кујната.
Според вработените, пожарот избил во кујната, поточно бојлерот кој бил во кујната, а автоматските осигурувачи спречиле да дојде до поголемо ширење на пожарот и имало само чад. Во текот на вчерашниот ден се чистел инвертарот на целата градинка.
До родителите подоцна пристигнала уште една порака во која им се укажува доколку можат, денес и утре да ги остават децата дома, а оние што мора да ги однесат во градинка, тоа да го направат во објектот Мимоза, каде е лоцирана и управната зграда на градинката во Автокоманда. На користење им била отстапена занимална, се до санирање на настанатите штети.
Родителите се видно загрижени поради овој инцидент. Велат дека се надеваат оти проблемот брзо ќе се реши но и дека очекуваат децата да се вратат во безбеден објект. Од Министерството за внатрешни работи го потврдија инцидентот. Велат дека работат на утврдување на причините за пожарот.