Ивермектинот доаѓа и во Македонија

Здравствените власти одлучија да му дадат зелено светло на лекот што чини само десет евра и докажано помага во лекувањето од ковид. Ивермектин, лекот што во бројни научни студии докажано помага пациентите со ковид-19 да не стигнат до болнички кревет, туку да им се повлечат симптомите рано, уште во првата фаза од болеста, македонските граѓани досега преку шверцери го добиваа од Грција!

Стручната комисија формирана од министерот за здравство изготвила позитивно мислење за лекот Ивермектин и истото ќе го испрати до Агенцијата за лекови Малмед, по што овој лек ќе може да биде легално увезуван во Македонија, дознава „Слободен печат“ од официјални извори.

Во македонските аптеки не беше регистриран, а го немаше ниту во болниците. „Слободен печат“ стапи во контакт со повеќе пациенти од Македонија кои што Ивермектин си нарачале по сопствени канали од Грција, а го платиле 1200 денари за четири апчиња од три милиграми. Цената во Грција е пониска, односно изнесува десет евра, а нашите извори платиле маржа за достава, односно профитот на добавувачите.

Меѓутоа, Ивермектинот сега влегува во протоколот за лекување на пациентите од ковид-19 кој што е усвоен од стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и ковид-19 центрите во интернистичкиот блок, велат за „Слободен печат“ од Министерството за здравство.

Стручното мислење на здравствениte авторитети е дека Ивермектинот е докажано безбеден лек и дека во сите студии за ковид-19 покажал извонредно позитивни резултати. Додека раководството на Агенцијата за лекови МАЛМЕД тврдеше дека е во тек со активностите што се одвиваат на ниво на целиот свет и со научните испитувања за Ивермектинот, пациентите од Македонија го набавуваа од Грција лекот што е евтин од свои луѓе. Го примаат и медицински работници како превенција, но за ова не се зборува отворено.

Директорот на Агенцијата за лекови Љирим Шабани за ,,Слободен печат” тврди дека Агенцијата и се обратила на Комисијата за заразни болести да даде стручно мислење дали Ивермектинот е добар лек за да се увезува во Македонија. По ова стручно мислење од Комисијата лекот ќе може да биде одобрен и кај нас.

Имаме доставено барање од компаниите, односно од добавувачите до Комисијата за заразни болести и чекаме да добиеме стручно мислење затоа што така ни налага законот. Законот ни налага да имаме оправданост на одобрување на увозот и чекаме стручно да ни се одговори од Комисијата за заразни болести за да можеме да постапиме. Во комуникација сме и ова и вакцините ги тераме паралелно, така што верувам дека набрзо ќе имаме нешто конкретно, изјави Шабани за ,,Слободен печат”.

Медицински стручњаци меѓу кои професорот Никола Пановски и поранешниот министер за здравство доктор Драган Даниловски отворено го поддржаа Ивермектинот.

Ивермектинот јас би го давал. Но, одлуките се на друго место. Еве ќе повторам, ивермектинот го сметам за супериорен во однос на ремдесивирот – рече Даниловски во ноември, додавајќи дека лекот ремдесивир е скап, а во САД за еден пациент чини 3.000 долари и мора да се дава во болница. За разлика од него, ивермектинот може да се пие дома, претставува ефтин лек, и има докази дека ја намалува смртноста.

Грција не е единствената земја од регионот која што се крсти во Ивермектинот како лекарство. Во Бугарија тој е веќе составен дел од болничките протоколи. Аџибадем Сити Клиник е болница во Софија, каде Ивермектинот е официјално внесен во болничкото лекување на ковид-19.

Професор доктор Иво Петров од оваа болница, за бугарските медиуми вели дека е прерано да се каже повеќе, но кога лекот се применува во првите неколку дена по појавата на симптомите, тие се повлекуваат значително побрзо, болеста напредува потешко и поретко има потреба од интензивна терапија со кислород, вклучително и интубација. Тој самиот како здравствен работник го зема лекот за своја лична превенција, затоа што дневно е во контакт со над 20 позитивни пациенти на ковид одделението.

Засега впечатоците ни се позитивни. Го користиме и кај полесни случаи, случаи кои почнуваат со полесни симптоми, затоа што не знаеме како ќе се развива болеста, дали симптомите ќе станат потешки. Има дури и протокол според кој се прима како превенција. Има две такви истражувања и тоа над здравствени работници кои работат во ковид центрите. Јас бев првиот што експериментираше врз себе со овој лек ги земав двете дози што се налагаат во протоколот и немам никакви несакани ефекти и засега сум негативен. Не сум се заразил, а имам по 20 позитивни пациенти околу мене што ги прегледувам секој ден и така е повеќе од три недели – вели доктор Петров.

Ивермектин се користи за многу вирусни, паразитни и бактериски заболувања. Списокот е долг а на него се еболата, вирусот Зика и многу други паразити. Тој е едeн од најбезопасните медикаменти создадени во историјата на медицината каде се применува повеќе од 40 години. Има над 25 студии кои демонстрираат висока ефикасност на Ивермектинот како превенција, како ран третман и како болничка терапија.

Студии покажуваат дека ивермектинот е единствениот фактор кој го намалува времетраењето на треската а најголема корист од него има ако се примени во првите денови од почетокот на симптомите. Ако се задоцни и се почне со ивермектин после пет дена од почетокот на треската неговата способност за реакција опаѓа. Во последните три децении Ивермектинот е препишан во 3.7 милијарди дози низ целиот свет. Се користи и за елиминирање вошки на главата.